
Државниот матурски одбор ќе одлучува дали ќе се казнат препишувачите на испитот по англиски
Државниот испитен центар најпрофесионално во рамките на своите надлежности ја спроведе државната матура. Тестовите беа навремено изготвени и дистрибуирани до училиштата и тестирањето започна навремено, соопштија од Државниот испитен центар.
„За случувањата во однос на Вибер групата и споделувањето на прашања и одговори за време на изведување на испитите ќе се дискутира на Државен матурски одбор, како највисок орган за реализација на државната матура. На состанокот членовите на ДМО ќе се произнесат дали и какви санкции ќе има по сите инволвирани во нарушувањето на процесот на реализација на државната матура. Став на ДИЦ е испитот по англиски јазик да не се поништи за сите оние кои ги почитувале правилата за изведување на државна матура“,велат од ДИЦ.
Во однос на интерните испити од државната матура кои претстојат во рамките на училиштата, надлежни се училишните комисии. Државниот испитен центар апелира да се почитуваат процедурите за спроведување на интерните испитите во рамките на државната матура за кои се одговорни училишните матурски комисии.
Години наназад ДИЦ апелирал до Министерството за образование и наука државната матура да се спроведува во голем простор, за што е дискутирано и на Државен матурски одбор. За жал овие измени оваа година не се реализираа, но ставот на ДИЦ е дека од наредната година државната матура мора да се реализира во голем простор и со вклучени блокатори.