
ДОДЕКА СЕ БАРА ЗГОЛЕМЕНА МИНИМАЛНА ПЛАТА: Поранешниот претседател на ССМ повторно сака да биде лидер
Поранешниот претседател на Сојузот на синдикати на Македонија, Живко Митревски, ненадејно денеска свика прес-конференција, а таму му упадна актуелниот лидер на ССМ Слободан Трендафилов.
Митревски на барањето на Трендафилов за зголемување на минималната плата на 450 евра, реагираше дека Трендафилов ја замајува јавноста.
Трендафилов пак, кој неповикан упадна на изјавата, рече дека ССМ е репрезентативен синдикат и дека остануваат на барањето за зголемување на платите.
– Насилнички доаѓате и сметате дека насилинички треба да останете. Нека гледа јавноста со какво насилие се служите… Да упатам јавна критика во делот на однесувањето на Трендафилов и замајувањето на јавноста за зголемувањето на платите. Ние како чесни синдикалци ќе бараме зголемување на платите и ќе бараме врз основа со легитимните синдикати да направиме реален социјален дијалог со кој ќе утврдиме зголемување на платите на начин како што е утврдено во нашето законодавство, а не повикување на нешто што е спротивно на сите стандарди, рече Митревски.
Митревски бара повторно да биде претседател на ССМ бидејќи смета дека е нелиегитимно решението за негова промена потпишано од поранешната министерка за труд и социјална политика Фросина Ременски.
Актуелниот претседател на ССМ, пак, потенцира дека остануваат на барањето за зголемување на платите.
– Мене ми е многу жал што претседателот Митревски се уште живее како да е 2017 година, 11 август, кога бил променет од функцијата. Од тогаш до денеска се поминати повеќе од шест години. Ние како ССМ остануваме на ставот дека платите во Македонија мора да се зголемат. Политичките памфлети, политичките напади врз претседател на ССМ, врз ССМ како организација, врз работниците ги отфрламе и сметаме дека се крајно несериозни особено поради тоа што ССМ е единствениот репрезентативен партнер во оваа држава на работодавачите и на владата и особено поради тоа што во изминатиот период успеавме да покажеме дека не само со социјален дијалог туку и со штрајкови и со преговори и со блокади ќе успееме да го направиме тоа што го правиме најдобро за работниците, а тоа е зголемување на нивните плати, изјави Трендафилов.
Митревски беше претседател на ССМ до 2017 година кога функцијата ја презеде Дарко Димовски.
Трендафилов во меѓувреме објави фотографија од Митревски со златен часовник и синџир.
Вчера премиерот Христијан Мицкоски рече дека претседателот на ССМ и опозицијата „напаѓаат координирано“ со вршење притисок за зголемување на минималната плата.