
ДАМЈАНОВСКА, МАЏАРЕВА И БОСИЛКОВ ДА БИДАТ ЧЛЕНОВИ НА ДИРЕКТОРСКИОТ БОРД НА „ЖИТО ПОЛОГ“ – еве каков предлог даде еден од акционерите на компанијата
Катерина Дамјановска, Стојна Маџарева и Сашо Босилков, да бидат членови на Одборот на директори на тетовски „Жито Полог“.
Ова е предлог на еден од акционерите на таа компанија, Ненад Јосифовиќ, а се предлага како дополнителна точка на дневниот ред, за Собранието на акционери кое ќе се одржи на 7 април оваа година.
Инаку, ваква предлог одлука може да достави акционер кој поседува над 5 отсто од акциите на една компанија, а според последната состојба на Централниот депозитар за хартии од вредност, Ненад Јосифовиќ поседува акционерски пакет 12,47 отсто од акциите на тоа акционерско друштво.
Предлогот на овој акционер е Стојна Маџарева да биде назначена за независен член на Одборот на директори на компанијата.
Членовите на Одборот на директори би добиле мандат од четири години, сметано од 7 април оваа година, откако би биле избрани на Собранието на акционери.
Неизвршните членови, вклучувајќи ги и независните членови на Одборот, ќе имаат месечен паушал од по 20 илјади денари, како и право на надомест на сите други трошоци, како и сите други права што се поврзани со вршењето на нивната функција, како што е користење на работни простории, потребни средства за работа, користење на возило и слично, а за што одлука треба да донесе Одборот на директори. И, овие средства ќе бидат трошоци на работењето на друштвото.
Инаку, кои се други акционери на Жито Полог од Тетово?
Според најновата состојба на ЦДХВ, најголем поединечен акционер на Жито Полог е Тони Јосифовски, кој поседува 24,98 отсто од акциите, а исто толкав процент поседува Делта Медикал ДООЕЛ од Скопје, потоа самиот „Жито Полог“ располага со сопствени акции од 20,6 проценти, додека друштвото ОК Транспорт и Шпедиција ДООЕЛ Скопје располага со 12,51 отсто од акциите, и Ненад Јосифовиќ поседува 12,47 проценти од акционерскиот капитал на компанијата.
Основната дејност на „Жито Полог“ е производство на мелнички и пекарски производи, тестенини и јајца. Поседува сместувачки капацитети за житни култури, има сопствена малопродажна мрежа и специјализиран погон за добиточна храна за задоволување на потребите на сопствената живинарска фарма.
Н.Н.Ф.