
ЦЕНИТЕ НА НАФТАТА „ВО ПЛАФОН“: Достигнаа највисоко ниво во последните 5 месеци
На глобалните пазари, цените на нафтата пораснаа за повеќе од 2,5 проценти минатата недела и продолжија да растат денес, бидејќи трговците стравуваат од прекини во снабдувањето на Блискиот Исток откако САД ги бомбардираа нуклеарните постројки на Иран во саботата.
Цената на барел на лондонскиот пазар минатата недела порасна за 3,6 проценти на 77,01 долари, додека на американскиот пазар барелот порасна за 2,7 проценти на 73,84 долари.
Во понеделник наутро, цените дополнително се зголемија за повеќе од 2 проценти, достигнувајќи го највисокото ниво за пет месеци. Тоа е последица на ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток, откако САД се вклучија во војната меѓу Израел и Иран.
Во саботата, американските воени авиони бомбардираа три нуклеарни постројки во Иран, што треба да го спречи Техеран да развива нуклеарно оружје.
Иран одговори со испукување повеќе ракети кон цели во Израел, што се заканува дополнително да го ескалира конфликтот на Блискиот Исток.
Трговците се плашат за Ормутскиот теснец
Трговците стравуваат за пратките на нафта преку Ормутскиот теснец, низ кој дневно минуваат 18 милиони барели нафта, кондензат и гориво.
Вашингтон ја повика Кина да го спречи Иран да го затвори теснецот, низ кој минуваат околу 20 проценти од светската нафта.
„Во сценарио каде што Иран селективно го прекинува преминот Хормуз, цената на барел нафта би можела да се искачи над 100 долари“, рече Вивек Дар, аналитичар во Комонвелт банката на Австралија.
Во изминатите десет дена, во кои продолжија ракетните напади меѓу Израел и Иран, цената на барел нафта на лондонскиот пазар се зголеми за повеќе од 13 проценти, а на американскиот пазар за повеќе од 10 проценти.
(CNBC)