
ЦЕНИТЕ НА КУЌИТЕ И КИРИИТЕ ВО УНИЈАТА РАСТАТ – Одредени земји имаат драстичен скок, еве какво е движењето низ ЕУ и кај нас
Трендот на поскапување на цените на домовите, но и на кириите низ
Европската унија продолжува. Најновите податоци кои ги објави „Евростат“ покажуваат дека цените
на куќите и кириите се зголемени и во вториот квартал од 2023 година.
Како што објави европскиот статистички центар, цените на куќите во ЕУ се
зголемиле за 0,3 проценти во споредба со првиот квартал од 2023 година, додека
кириите пораснале 0,7 отсто.
Сепак, во споредба со вториот квартал од 2022 година, цените на куќите во
ЕУ се намалени за -1,1 процент, додека кириите се зголемени за 3 отсто.
–
Цените на куќите и закупнините во ЕУ имаа растечка патека
помеѓу 2010 година и вториот квартал од 2011 година. По овој квартал, цените на
куќите и закупнините еволуираа поинаку. Додека кириите постојано се зголемуваа
во текот на овој период до вториот квартал од 2023 година, цените на куќите
значително флуктуираа – потенцираат аналитичарите на „Евростат“.
Растат цените и во Македонија
Изминатите години имаше значителен раст на домовите и на кириите и во
нашата земја. Поскапувањето особено се почувствува по ковид кризата кога поради раст на
градежните материјали и на платите на работниот кадар, цените на недвижностите во градовите каде има поголема побарувачка драстично
пораснаа.
Сепак последниве месец има успорување на градежните активности. Никола Велковски, градежник кој долги години е во фелата за Фактор посочи дека успорувањето на секторот може да води кон пад на цените.
–
Сега веќе има застој во побарувачката на
станови, бидејќи се скапи, а кредитните услови се влошени. Дополнително на
пазарот има доста направени, непродадени станови. Цената за градба е скапа,
бидејќи поскапе работата рака, а уште поголем проблем е што ја нема, па цените на становите и на деловните простории мируваат, но градежниците се во
неможност да ги продадат и размислуваат за мали намалувања – укажува Велковски.
Што се однесува до закупот на деловен и станбен простор познавачите велат
дека има континуиран тек и благ пораст во споредба со минатата година
– Состојбата на пазарот на недвижности во државава е променлива, но сепак добра. Има солидно побарување, голема понуда и добар промет. Побарувачката на станови под закуп е добра и особено активна во
овие месеци кои се традицинално месеци во кои станови под закуп бараат студентите.
Во однос на минатата година има мал пораст на побарувачката –
оцени претседателката на Групацијата за недвижности при Стопанската комора Лилјана Ковачева.
Подеми и падови на цените на недвижностите во ЕУ
Евростат посочува дека цените на куќите се повеќе од двојно зголемени во
Естонија, Унгарија, Литванија, Латвија, Чешка, Луксембург и Австрија
–
Помеѓу 2010 година и вториот квартал од 2023 година,
цените на куќите се зголемија за 46 проценти, а кириите за 21 отсто. Кога ќе се
спореди вториот квартал од 2023 година со 2010 година, цените на куќите се
зголемија повеќе од кириите во 20 од 27 земји на ЕУ. Во овој период, цените на
куќите се зголемија повеќе од двојно во Естонија за +211 отсто, Унгарија +180
проценти, Литванија +152 отсто, Латвија +144 проценти, Чешка +122 отсто,
Луксембург и Австрија и двете + 120 отсто. Намалувања беа забележани во Грција -14 проценти, Италија -8 отсто и Кипар -3 проценти – наведува „Евростат“.
Нивната анализа покажала дека кај кириите, цените се зголемија во 26 земји
на ЕУ со најголеми поскапувања во Естонија со раст од 208 отсто и Литванија со 168
проценти зголемување на цените. Единствено намалување на цените на киријата е
забележано во Грција од -21 отсто.
П.О.
Фото: Kai Pilger on Unsplash