
Бугарија привремено ја стопира изградбата на железницата кон Македонија
Бугарски медиуми објавија дека бугарската влада го стопира проектот за изградба на пругата кон Македонија. Одлуката е да се пренасочат средствата кон завршување на домашните внатрешни железнички проекти, а не интерконективните.
Овој потег доаѓа како дел од измените на програмата „Транспортна поврзаност“ за 2020-2027 година. Поради доцнење и недостиг на финансиски средства, модернизацијата на железничките делници Софија-Перник и Перник-Радомир, за кои беа доделени 500 милиони евра, повеќе нема да бидат прифатливи за финансирање во тековниот период.
Дополнително, нема европски пари ниту за финансирање за железничките центри во Горна Орјаховица, Русе и Варна. Наместо тоа, средствата ќе бидат искористени за завршување на железничките линии меѓу Софија и Бургас, со 700 милиони евра наменети за делниците Пловдив-Бургас, Елин Пелин-Костенец и Волујак-Драгоман.
Бугарија неодамна предложи нацрт-договор со Македонија за изградба на граничниот железнички тунел од Коридорот 8. Предлогот на бугарската држава беше двете влади да преземат конкретни и јасни заложби за реализација на граничниот железнички тунел, кој е клучен елемент на Коридорот 8.
Од македонската влада веќе изразија скептицизам околу можноста за реализација на железничкиот дел од коридор 8со образложение дека планираната трета делница од пругата кон Бугарија, Крива Паланка-Деве Баир, „завршува на половина тунел, во слепа улица“. Од Софија, пак, уверуваа дека работат на проектот, кој требаше да заврши до 2030 година.