
Бесими: Нема промени за основните производи од потрошувачката кошничка
Mинистерот за финансии, Фатмир Бесими вели дека нема промени за основните производи од потрошувачката кошничка, а доколку има оправдани реакции ќе реагираат.
„Пристапено е многу внимателно во однос на заштитата на стандардот при подготовката на Одлуката за определување на добрата и услугите кои подлежат на повластена стапка на ДДВ, што стапи во сила денеска. Нема никакви промени во однос на минималниот стандард и не ги опфаќа основните прехранбени производи од потрошувачката кошничка“, изјави денеска министерот за финансии Фатмир Бесими.
На брифинг со медиумите тој посочи дека листата на производи опфатени со Одлуката била долго време на расправа и на увид кај засегнатите страни, досега немало реакции, но можни се пропусти кај мал број артикли.
„Целта на одлуката е јасна, основните прехранбени производи остануваат со пет проценти даночна стапка. Тоа е јасна цел, позиција и политика на Владата. Со оваа одлука остануваат со пет проценти прехранбените производи што се во потрошувачката кошничка. Што се однесува до минималниот стандард нема никакви промени“, вели Бесими.
По стапувањето во сила на Одлуката, според МФ, има реакции и дилеми кај тарифирањето затоа што досега беше една даночна стапка и тарифирањето било поедноставно.