
Барселона со каталонски тренер ќе бара рехабилитација за очајната сезона
Изборот падна на Жоан Пењароја, каталонски тренер кој ѝ се враќа на кошарката откако во октомври минатата година доби отказ од Басконија. Интересно е тоа што Пењароја е роден каталонец, од Тераса, истиот град од каде потекнува довчерашниот тренер на фудбалскиот тим на Барса – Чави Ернандез.
Пењароја доаѓа во исклучително тешка ситуација за клубот кој последната сезона ја заврши без трофеј и во длабока сенка на Реал Мадрид. Во дури три натпреварувања испадна од својот најголем ривал: Суперкупот (полуфинале), Копа дел Реј (финале) и првенството (полуфинале), а во Евролигата беше елиминиран од Олимпијакос во четвртфиналето.
Своите најголеми успеси, Пењароја ги оствари со тимот на Бургос со кого освои два трофеја во Лигата на шампионите на ФИБА.