
Бафет: Банките се под притисок, но и недвижностите! Инвеститорот со нови пораки и ставови за пазарот
Во текот на викендот, култниот инвеститор Ворен Бафет повторно беше во центарот на медиумското внимание на редовното годишно собрание на акционерите на холдинг компанијата Беркшир Хатавеј. Бафет предупредува дека банките би можеле да продолжат да бидат под притисок, како и пазарот на комерцијални недвижности.
На економскиот бум веројатно му се ближи крајот, вели тој, но сепак има верба во Apple.
Бафет не верува дека доларот ќе го изгуби статусот на светска резервна валута, а уште помалку дека би можел да биде заменет со биткоин („Смешно е да се размислува за некои токени да станат резервна валута, тоа е лудо“), иако тој признава дека е исто толку лудо што ФЕД печати пари.
Тој ја спореди појавата на вештачката интелигенција со развојот на атомската бомба, ја истакна важноста на добрината и изјави дека познава богати луѓе кои умреле без пријатели.
Воедно американскиот инвеститор и милијардер во саботата изјави дека Apple Inc е подобар бизнис од кој било друг во портфолиото на Berkshire Hathaway, пренесуваат медиумите.
„Епл е различен од другите компании што ги поседуваме. Едноставно е подобар бизнис“, рече Бафет за време на годишниот состанок на Беркшир во Омаха, Небраска.
Беркшир откри удел од 1 милијарда долари во Apple во мај 2016 година и го зголеми тој удел на 151 милијарда долари до март 2023 година, што претставува 46 отсто од неговото портфолио на акции од 328 милијарди долари, пишува SEEbiz.
Бафет долго време го фалеше извршниот директор на Apple Тим Кук и гледаше на Apple помалку како технолошка компанија, а повеќе како компанија за производи за широка потрошувачка со доминантен производ, iPhone, кој луѓето го сакаат.
Беркшир неодамна имаше удел од 5,6 отсто во Apple, а Бафет рече дека можеби ќе купи повеќе.