
11 години од „црниот понеделник“, денот кога беше прегазена демократијата
Пред 11 години, на денешен ден, специјалните полициски сили и обезбедувањето на Собранието, насилно ги изнесоа на улица пратениците на СДСМ и новинарите, во тек на жешката парламентарна дебата за буџетот.
Судирот започна откако група пратеници беа револтирани поради усвојувањето на, како што тврдеа, неразвојниот буџет кој предвидуваше огромни трошоци за проектот „Скопје 2014“.
Нивните амандмани беа одбиени, а дебатата на таа тема беше откажана. Пратениците од опозицијата најавија дека ќе дежураат пред Собранието и дека нема да дозволат кршење на Уставот на РМ.
За време на инцидентот во Собранието, надвор пред зградата на Собранието имаше протести предводени од тогашниот лидер на социјалдемократите, Бранко Црвенковски, како и контра- протести организирани од партијата на власт, ВМРО-ДПМНЕ.
Полициските кордони спречија судир меѓу двете групи. Настаните завршија со бојкот на Собранието и протести низ улиците кои траеја со недели. Во наредниот период кризата се продлабочи уште повеќе, а опозицијата бараше правда на улица.
Беше формирана и ад-хок комисија која за овие настани, во која членуваа Благородна Дулиќ и Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ , Љубомир Фрчковски, Рената Дескоска од СДСМ, а претседател беше универзитетскиот професор Борче Давитковски.
Иако комисијата имаше конечен извештај, сепак до ден денес никој не поднесе одговорност ниту беше целосно расчистување на настаните од 24 декември 2012 година.
Настанот беше нотиран и во извештаите на европските извештаи. По поднесената претставка од страна на ЗНМ судот во Стразбур пресуди дека на тој ден били прекршено правото на слобода на изразување согласно член 10 од Европската конвенција.