
Едно лице загина во Скопје, двајца тешко повредени во Кочани и кај Ростушки мост
Тешка сообраќајна несреќа со смртни последици се случила рано утрово во Скопје, додека вчерашниот ден (24 јануари) беше одбележан со две излетувања од пат во Кочани и Маврово, при што две лица се здобиле со тешки телесни повреди.
Утрово во 04:10 часот, скопската полиција добила пријава за тешка несреќа на крстосницата меѓу булеварот „Александар Македонски“ и улиците „16 Македонска Бригада“ и „Интернационални Бригади“.
Според информациите од МВР, возилото излетало од коловозот. Возачот со тешки повреди бил итно пренесен во болницата „Св. Наум Охридски“, каде што за жал, лекарите констатирале смрт. По наредба на Јавен обвинител, телото е предадено на обдукција.
Вчера попладне, во 15:43 часот, се случила несреќа и во Кочани на улицата „Маршал Тито“.
Возачот изгубил контрола и излетал од патот. Поради сериозноста на повредите, по првичната помош во кочанската болница, тој е итно префрлен на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.
Само половина час претходно истиот ден (15:15 часот), на регионалниот пат Маврово – Дебар, кај Ростушки мост, автомобил со албански таблички излетал од патот и се превртел.
Сопатничката се здобила со тешки телесни повреди и е згрижена во болницата „Св. Еразмо“ во Охрид.
На сите локации полициски екипи извршиле увид за утврдување на причините за несреќите.

