
Едно дете земало 200 денари од „киднаперот“ во Карбинци – парите предадени на полицијата за вештачење
Што точно се случило во Карбинци утрово? Што се гледа на безбедносните камери од училиштето? Автомобил марка „Голф“, тегет плава боја со скопски регистарски ознаки доаѓа речиси пред дворот на основното училиште, дознава 4NEWS.mk од полициски извори.
Од автомобилот излегува едно лице, кое преку друго бара девојче од училиштето. Девојчето се приближило до автомобилот чија врата била отворена. Според исказот на ученичката, лицето кое излегло од автомобилот ѝ покажувал пари ѝ и понудил да влезе во автомобилот за да одат заедно на кафе.
Од наши извори дознаваме дека, лицето кое пристигнало со автомобилот и девојчето кое било деветто одделение не се познавале од претходно.
Девојчето исплашено, веднаш се вратило во училиштето, отишло кај директорката и го пријавила настанот. Неколку минути подоцна, лицето со автомобилот повикало уште едно дете од кое се наоѓало во дворот на училиштето. Му дало 200 денари и му кажал да влезе во автомобилот за да заминат заедно. Детето наводно ги земало парите и лицето со автомобилот започнало да го влече за неговата јакна. Но овие детали не се гледаат на безбедносната камера поставена во училиштето.
Детето исплашено се повлекло и вратило во училиштето, по што исто така се упатило кон канцеларијата на директорот и пријавило.
Парите кои земал вториот ученик се дадени на инспекторите од полиција кои пристигнале од СВР Штип.
Не јасно е дали еден или повеќе лица биле во автомобилот.
Како што веќе објавивме првично, од СВР испратија демант дека станува збор за обид за киднапирање на деца.
„Денеска (05.12.2023) во 09.52 часот во СВР Штип од Основно училиште во Општина Карбинци е пријавено дека околу 09.30 часот во училишниот двор со патничко возило „голф“ дошло младо машко лице, кое според пријавеното, поканило ученичка да влезе во неговата кола за да одат на кафе, но таа веднаш се вратила во училиштето и пријавила кај директорката. Се работи на расчистување на случајот“, велат од СВР.
Градоначалникот на општината Виктор Паунов побара да се зголеми полициското присуство во Карбинци, бидејќи тие немаат подрачно одделение и надлежен е Секторот за внатрешни работи од Штип.
