
ЌЕ СЕ СТИМУЛИРА ЗГОЛЕМУВАЊЕТО НА ПЛАТИТЕ: Владата го утврди текстот на Предлог на закон за ослободување од плаќање на дел од придонесите
Утврден е текст на Предлог на закон за ослободување од плаќање на дел од придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување плата. Ова е одлука од 207-та владина седница.
Владата донесе Предлог на закон за ослободување од плаќање на дел од придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата.
„Со овој закон, како што е образложено од предлагачот, Министерството за труд и социјална политика, се стимулира зголемување на платите на вработените, како и намалување на трошоците за работната сила на работодавачите, со тоа што се прави законско регулирање на мерка за ослободување од плаќање на дел од придонесите од задолжително социјално осигурување“, соопштија од Владата.
Целта на Предлогот на законот е поттикнување на работодавачите да исплаќаат плата во повисок износ, намалување на даночната евазија и неформалната економија, а со цел подобрување на економскиот стандард на вработените и поттикнување на економскиот развој на Република Северна Македонија.