ЌЕ РАСТАТ ПЛАТИТЕ НА ХРВАТСКИТЕ МИНИСТРИ – еве колкави се и во другите земји
ХДЗ и ДП се договорија за поделба на министерствата и државните претпријатија, па се очекува наскоро да се соберат потписи за формирање на идната влада. По тој повод хрватските медиуми ги пресметаа и платите на пратениците низ регионот.
Како што пренесува Индекс, наводниот вистински шеф на ДП Марио Радиќ најави една од првите политики на новото владејачко мнозинство – подготвен е да влезе во владата и да работи без плата бидејќи парите не му требаат, но бара значително зголемување на платата за сите останати.
– Нека пукаат и нека ме нападнат, но веднаш ќе го спроведеме тој непопуларен потег од кој сите се плашат. За овие плати едноставно не може да се добијат квалитетни луѓе кои сериозно би се зафатиле со работа во министерствата – рече Радиќ.
Истовремено, тој ја потврди информацијата дека Татковинското движење во преговорите со ХДЗ се залага за повисоки плати на функционерите, не само министрите, туку и премиерите и државните секретари.
Премиерот Андреј Пленковиќ во своето обраќање потврди дека ќе се зголемат платите на министрите.
Според она што го објавуваат хрватските медиуми, платите на министрите почнуваат од 2.500 евра, па се движат се до 3.500.
Понатаму, тие ги споредија платите на премиерите и министрите во соседните земји и во неколку земји со сличен развој во Европа, со цел да се утврди дали хрватскиот премиер и министри се навистина недоволно платени.
За да се стават платите во контекст на секоја земја посебно, пресметан е односот на платите на министрите со просечната плата во земјата, односно еквивалент на тоа колку просечни плати заработуваат министрите.
Платата на премиерот Андреј Пленковиќ е 4.646 евра бруто месечно. Ова е повисока плата од премиерите на Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Словенија, Албанија и Словачка. Таа е слична на платата на премиерот на Полска и многу помала од премиерот на Унгарија, Чешка и Естонија.
Со просечна плата меѓу 3.500 и 4.000 евра бруто, министрите во Хрватска имаат плата околу 2,2 пати поголема од просечната државна плата. Во апсолутна сума, нивната плата е повисока од платите на нивните колеги во Словенија и е релативно повисока во однос на просечната плата во земјата, 2,2 пати наспроти словенечката 1,6 пати.
Министрите во Полска имаат малку повисоки плати од министрите во Хрватска, како и премиерот, 2,3 пати повисоки од просечната нето плата. Апсолутен рекордер е Унгарија, каде министрите имаат плата 6,5 пати поголема од просечната државна плата, а премиерот уште повеќе. Во Чешка, Албанија и Естонија платите на министрите во однос на просечната државна плата се исто така далеку повисоки отколку во Хрватска.
Во Србија платата на министрите е приближно иста со просечната плата во земјата, пренесува „Блиц.рс“.
Аргументот за високите плати на премиерите, министрите, државните секретари и другите функционери е дека тие ќе бидат помалку подложни на корупција.
Очигледно не постои правило за висината на платите на премиерите, министрите и другите државни функционери, но не држи вода аргументот дека високите плати служат за намалување на нивната мотивација за коруптивни постапки. Едноставно има премногу примери на корумпирани држави со релативно високи плати за министри.
Фото: Принтскрин/Твитер