
ЌЕ ОСТАНАТ СКОРО БЕЗ РИБИ: Реките во Словенија се загадени со отпадни води и нафта од резервоарите
Еколошка катастрофа се случува во Словенија, каде реките во поплавените подрачја остануваат речиси без риби. Поголемиот дел од рибите угинале од силните струи и од матната вода, пренесува „СТА“.
Информацијата денеска ја соопшти Словенечкото риболовно здружение. Оние што успеале да преживеат завршиле на полињата.
„Многу млади риби угинаа бидејќи не можеа да се повлечат“, изјави претседателот на Словенечкото риболовно здружение Мирослав Жаберл.
Рибите ќе бидат повторно населени каде што тоа е можно, така што некои што се одгледуваат на вештачки начин, како што е пастрмката, ќе бидат преместени од рибниците во реките, а видовите кои не се одгледуваат вештачки ќе мора да се населат природно, што ќе трае најмалку три години. Реките беа загадени со отпадни води и нафта од резервоарите. Не се знае дали рибите ќе бидат добри за консумирање.
Европската Унија (ЕУ) ќе ѝ стави на располагање на Словенија најмалку 400 милиони евра по разорните поплави во кои загинаа шест лица и беа погодени десетици илјади семејства.
