
Ќе има нов договор за автопатот Тетово – Призрен
Заменик министерката за транспорт и врски Калтрина Зеколи Шаќири вели дека ќе има нов договор помеѓу Македонија и Косово за изградба на автопатот Тетово – Призрен.
Таа му реагираше на заменик министерот на Косово Хисен Дурмиши кој рече дека нема потреба од нов договор, бидејќи таков веќе постои, но Зеколи-Шаќири вели дека тој не се спроведува и дека новиот што ќе биде потпишан предвидува формирање работна група од 10 члена кои ќе бидат одговорни за проектирање и надзор на новиот проект.
„Но, ние не демантиравме, ниту негираме постоење на меморандум за соработка меѓу Министерството за транспорт на Република Македонија и Министерството за животна средина, просторно планирање и инфраструктура на Косово во однос на патот Тетово-Призрен.
Сепак, од јануари 2024 година, не е постигнат конкретен напредок на овој патен проект толку витален за граѓаните на нашите две земји. Во координација со министерот Либурн Алиу, решивме наскоро да потпишеме договор за проектирање и да создадеме работна група, согласно претходно потпишаниот меморандум. Оваа работна група ќе се состои од пет члена од двете земји, со вкупно десет членови, кои ќе имаат задача да го изберат проектантот и потоа да го надгледуваат неговото спроведување.
Наша задача, како носител на оваа институција, во соработка со Јавното претпријатие за државни патишта на Северна Македонија и нашите колеги од Косово, е да обезбедиме што поскоро реализирање на важните проекти за граѓаните на двете земји“, пишува меѓу другото Зеколи-Шаќири.