
ЌЕ БИДЕ ЛИ ПРЕКИНАТ ДОГОВОРОТ СО СИНОХИДРО ЗА АВТОПАТОТ КИЧЕВО-ОХРИД: Ковачевски најави ревизија, Груби побара да се почне кривична постапка за погрешно проектирање
На Првата
конференција за патна инфраструктура што се одржува во Охрид, премиерот Димитар Ковачевски порача дека
ќе побара ревизија на договорот со
кинеската компанија Синохидро за изградба на автопатската делница од
Охрид до Кичево.
– Сметам дека е недозволиво еден автопат од 40
километри да се гради над десет години и се уште да не биде направен, притоа да
се бара повторно продолжување што треба да оди пред пратениците. Од таа причина
ќе побарам ревизија на овој проект, и со оглед на тоа што проектот од низа на
причини не е завршен десет години, сметам дека треба да се размислува и во
насока на раскинување на договорот и барање изведувач што ќе го изгради на
квалитетен начин, а не да гледаме десет години да се прави пат, да се инвестираат
пари, а да нема досега пуштен ниту еден метар од автопатот, рече Ковачевски.
Тој потсети дека проектот се гради согласно договор изгласан
во Собранието, тој практично станува закон, а секоја промена односно анекс
повторно се одобрува од пратениците.
– Недозволиво после десет години пратениците повторно да
разгледуваат продолжување на нешто што требало да се заврши пред многу години,
и оттаму е потребна ревизија врз основа на која ќе се предложат решенија кои е
значат кончено завршување на овој автопат…Треба да се направи ревизија и врз
основа на неа да се донесе одлука. Една од опциите е секако и раскинување на
договорот, истакна премиерот Ковачевски, притоа најавувајќи и можна
специјализирана ревизија на проектот и сите пропусти.
Сериозни забелешки и критики за динамиката по која се гради автопатот Охрид – Кичево, претходно изнесе и првиот вицепремиер Артан Груби, истакнувајќи дека е неприфатливо таа делница да не е завршена после десет години од стартот на градежните работи.
– Изградбата започна во 2013 започна со 400 милиони евра, денеска е над 600 милиони евра и нема еден метар асфалт пуштен во употреба. Истекува рокот на крај на годината и сметам дека е крајно време и Владата и Собранието да го разгледа тој договор па ако треба и нека се прекине и нека се даде на друг затоа што ова е веќе скандалозозно и неприфатливо. Треба да се почне кривична постапка за погрешно проектирање. Единаесет нови свлечишта на Кичево – Охрид, Тоа е апсолутно неорифатливо. Десет години проект, да се случува, но намерни грешки при проектирањето и бесконечно одолговлекување на проектите, тоа ги чини живот граѓаните. Колку само сообраќајки имаме на овој пат. Ова е апсолутно неприфатливо и незнам како ќе гласаат пратениците на крај на декември по однос на продолжувањето на тој договор затоа што е скандалозен… Ни помина животот чекајќи да се завршат проектите, рече Груби.
ФОТО: МИА
