
Две години затвор за Сулејман Љамалари за нападот врз градоначалничката Арсовска
Основниот кривичен суд во Скопје денеска го осуди Сулејман Љамалари на затворска казна од две години за кривичното дело грубо насилство, извршено врз градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска. Како што потврдија од судот, во казната ќе биде пресметано и времето кое Љамалари го помина во притвор.
Пресудата се однесува на инцидентот што се случи на 11 јули годинава, кога Арсовска, заедно со службени лица, била на увид по пријава за бесправна градба.
Според обвинението, Љамалари пристигнал на локацијата со електричен тротинет, по што вербално и физички ја нападнал градоначалничката, нанесувајќи ѝ телесни повреди и упатувајќи ѝ сериозни закани.
За време на судскиот процес, обвинетиот негираше вина, тврдејќи дека тој бил жртвата во настанот. Љамалари изјави дека само се обидувал да го тргне телефонот на градоначалничката за да спречи неовластено снимање, при што, како што рече, бил удрен со нога од неа.
Спротивно на ова, градоначалничката Арсовска во своето сведочење го опиша нападот како „агресивен и опасен“, истакнувајќи дека се чувствувала „загрозено, несигурно и исплашено“. Според нејзините зборови, инцидентот траел повеќе од 40 минути, сè додека не интервенирала полицијата.
Судечкиот совет го водеше судијката Билјана Коцевска, додека обвинението го застапуваше обвинителот Александар Давчевски.