
Дури во деветтиот натпревар, Пјуник го претрпе првиот пораз од македонска екипа
Денешниот натпревар против Струга беше деветти за овој тим против екипа од Македонија, а досега од нашата земја имаше дури пет ривали. Најинтересно од се е тоа што актуелниот шампион Струга е прв кој успеа да го победи иако ќе треба да се потруди да стане и прв кој го елиминирал.
Серијата дуели меѓу Пјуник и македонските клубови почна во 2004 година со оној фамозен меч против Победа кој подоцна доведе до суспензија на прилепскиот клуб и забрана за настап во европските купови поради наводно местење кое го истражуваше и УЕФА. Победа тогаш загуби во Скопје со 1-3, во реваншот беше 1-1 и Пјуник помина во следната фаза од квалификациите за Лигата на шампионите.
Девет години подоцна, во квалификациите за Лигата Европа го елиминира Тетекс со вкупни 2-1, во 2018 година беше подобар од Вардар со 3-0, а следната сезона и од Шкупи со 5-4. Заедно со денешниот натпревар, билансот на Пјуник против македонските клубови изнесува пет победи, три нерешени резултати и еден пораз.
