
ДРЖАВНИОТ ВРВ ГО ЧЕСТИТА ГОЛЕМИОТ ХРИСТИЈАНСКИ ПРАЗНИК Желби за здравје, благосостојба, спокој…

Највисоки претставници на државниот врв и на политичкиот живот во земјава им го честитаа големиот христијански празник Богојавление Водици на православните верници.
Покрај претседателот на државата Гордана Сиљановска-Давкова и премиерот Христијан Мицкоски, соопштенија и објави по повод водици објавија и претседателот на Собранието Африм Гаши, бројни министри во владата, како и лидерот на СДСМ Венко Филипче.
„Во име на Собранието на Република Северна Македонија и во мое лично име, Ви упатувам честитки по повод празникот Водици. Овој празник ја носи пораката на духовно прочистување и надеж, потсетувајќи нѐ на значењето на заедништвото и посветеноста во градењето на напредна и праведна држава. На православните верници им посакувам овој ден да донесе внатрешен мир, а во нивните домови да владеат здравјето, благосостојбата и спокојот“ – се вели во соопштението од претсдателот на Собранието Африм Гаши.
Министер за јавна администрација Горан Минчев го честита празникот во свое име и од име на Министерството за јавна администрација.
„Нека овој празник донесе мир, здравје и благосостојба во Вашите домови и биде поттик за заедништво, солидарност и меѓусебно почитување. Во духот на празникот, со заедничка посветеност, да продолжиме да придонесуваме кон унапредување на јавната администрација, во интерес на сите граѓани“ – напиша министерот Минчев.
Лидерот на опозициската партија СДСМ Венко Филипче, кој денеска беше во Охрид, го честиташе големиот христијански празник Богојавление – Водици.
– Го честитам големиот празник Богојавление, Бог се роди, во мое лично име и во име на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. На момчето коешто и годинава исто како и лани го фати крстот, му посакувам многу успех и среќа оваа година. Тоа што скокна во ладните води на Охридското езеро е доказ за една голема храброст, голема умствена и телесна сила – изјави Филипче во Охрид.
Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, денеска од Охрид го честиташе големиот христијански празник Богојавление-Водици, посакувајќи здравје, среќа и благосостојба на сите верници и на првиот кој дојде до Светиот крст во осветените води на Охридското рзеро.
– Драго ми е што имаме еден прекрасен ден, мислам дека имаше преку 20.000 луѓе кои се појавија на градското пристаниште, многу туристи, многу странци. Да му честитам и на оној кој што го фати крстот, да посакам добро здравје, среќа, да го пратат во текот на годината и за убави работи да се гледаме – порача во празничната изјава вицепремиерот Николоски
.
