
Државата го послуша Ковачевски и заштеди на тендери
Министерствата, другите државни органи, агенциите, јавните претпријатија, фондови и други институции во кризата заштедиле 10 милијарди денари во годината кога се донесоа рестриктивни мерки за трошење.
Ова го покажува извештајот кој деновиве го објави Бирото за јавни набавки, каде е пресметано дека државата на тендери во кризната 2022 потрошила вкупно 68,3 милијарди денари, или нешто повеќе од 1,1 милијарда евра.
Тоа се заштедени 160 милиони евра во однос на една година претходно, кога се потрошиле 78,3 милијарди денари. Премиерот Димитар Ковачевски и Владата тогаш најавија санкции за секој што нема да ја почитува одлуката за рационализација на трошоците во јавниот сектор.
Станува збор за антикризни мерки за рационализација на трошоците во јавниот сектор, со кои сите буџетски корисници беа задолжени да ги намалат расходите за стоки и услуги за 10 отсто. Со мерките се забрани набавка на мебел и возила, буџетските корисници за 50 проценти требаше да ги намалат расходите за репрезентација, спонзорства и реклами, како и користењето на службените возила. Сите буџетски корисници добија задолжение да го намалат бројот на службени патувања и значително да се намали бројот на членови на делегации при патувања во странство.Владата ги задолжи јавните претпријатија и АД во државна сопственост да ги намалат тековните расходи за 15 отсто.
Подоцна како задолжителна мерка за институциите на централно ниво беше обврската да се намалат набавките на електрична енергија, односно да се заштеди на трошењето струја за најмалку 15 отсто.
„Бројката на доделени договори за јавни набавки за 2022, добиена од базата на податоци изнесува – 32.775 договори за јавни набавки, во вкупна вредност од 68.311.069.973 денари. Вредноста на јавните набавки во државата за 2022 изнесува 9 отсто од БДП и 25 отсто од Буџетот на РСМ. Според податоците со кои располага Бирото, вредноста на склучените договори во 2022, споредено со претходната година, е намалена за 13 проценти, додека бројот на склучените договори (33.735 склучени минатата година) е намален за 3 отсто“, заклучува Бирото за јавни набавки.
Најголеми потрошувачи за тендери биле ЕСМ со 100 милиони евра за една година, МВР со 67 милиони евра на второто место, додека во Топ-3 е уште ЈП Државни патишта со околу 47 милиони евра.
А.К.
