
Државата ќе ги покрие трошоците за третмани на повредените во „Пулс“
Министерот за здравство Азир Алиу најави целосна поддршка за повредените во трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“. Тој денеска од Штип порача дека Министерството за здравство и Владата стојат зад овие млади луѓе и ќе обезбедат помош за сите неопходни медицински и естетски третмани.
Во наредниот период ќе започне изградбата на Центар за протези во Скопје, а сите повредени што имаат потреба од дополнителни интервенции, вклучително и третмани во странство, ќе добијат финансиска поддршка од државата.
– Свесни сме дека дел од процедурите се скапи, но нашата обврска е да обезбедиме здравствена заштита за секој граѓанин. Ќе поддржиме сè – од финансии, до обуки и евентуално лекување надвор од земјава – изјави министерот Алиу.
Тој потврди дека е направена анализа од домашни и странски експерти, и дека во координација со неколку амбасади се планира упатување на дел од пациентите во странство за напредни третмани.
– Ние немаме лабораторија за изработка на протези, но веќе работиме на тоа. Во контакт сме со партнери од Словенија за воспоставување на таква инфраструктура – додаде министерот.
Според Алиу, во рамки на Владата и Министерството за здравство се формирани работни групи за изработка на долгорочна стратегија, која ќе обезбеди системски пристап и квалитетна грижа за повредените.
Во моментов на рехабилитација на Пониква е трета група од преживеаните од пожарот, кои се под континуиран надзор на лекари, физиотерапевти и друг стручен персонал. Програмата, како што вели министерот, дава одлични резултати и ќе продолжи додека постои интерес кај повредените.
– Имаме силна волја да создадеме систем што ќе им служи на граѓаните – истакна Алиу.
