
Дрисла се уште чади, на терен ер трактор – Ангелов: Разговаравме за забрана на движење на Вардариште, но имаме пречки
Директорот на Државниот завод за спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, денеска на прес-конференција ја посети депонијата Дрисла и ја посочи актуелната состојба. Тој истакна дека има значително чадење, но поради ветерот што дува во спротивна насока, чадот не се чувствува од околните населби.
– „На терен работи тешка машинерија за затрупување на критичниот дел каде што има горење. Сепак, тоа не може да се види поради големиот чад. Огнот не може да се изгаси со вода бидејќи внатре се одвиваат хемиски и биолошки процеси кои предизвикуваат запаливи гасови“, појасни Ангелов.
За да се ублажи состојбата, на депонијата е поставен ЕР трактор, кој ќе работи со посебна пена. Ангелов изјави дека чадот е значително намален и очекува до вечерта ситуацијата да биде уште пооптимална, а можно е и да престане.
Депонијата Вардариште во моментов нема горење и нема чадење. Таа веќе е детално обезбедена, ангажирана е агенција за обезбедување, а мерките се поставени за да се спречи непосакуван влез или обиди за потпалување.
Директорот истакна дека постојат сомнежи дека и двете депонии биле потпалени. Во врска со тоа, е поднесена кривична пријава, а три лица се задржани со мерка притвор, бидејќи користеле диви отпади и купувале материјали од лица кои палат кабли и друг вид отпад за понатамошна продажба. Ангелов додаде дека со овие мерки се дестимулирани сите кои би се обиделе да палат кабли во иднина, бидејќи нема да можат да го продадат отпадот.
Тој исто така информираше дека се одржала седница на Управувачкиот комитет при Владата, на која е разгледана можноста за забрана на движење на територијата на депонијата Вардариште. Меѓутоа, соочуваат со формално-правни пречки, бидејќи на теренот има дива населба со куќи на припадници на една етничка заедница.
