
Дополнителни 15 милиони евра за „Бехтел и Енка“ од буџетот на Македонија
Министерството за финансии до крајот на годината ќе исплати дополнителни 15 милиони евра на „Бехтел и Енка“, изведувачите на автопатите од Коридорите 8 и 10Д. Средствата ќе бидат обезбедени од неискористени буџетски средства, кои првично биле наменети за други цели.
Владата на седницата од 11 декември ја измени програмата за финансирање, со што исплатата кон Јавното претпријатие „Државни патишта“ (инвеститор на проектите Тетово–Гостивар–Букојчани, Требниште–Струга–Ќафасан
и Прилеп–Битола) за 2025 година преку Министерството за транспорт се зголеми од 124 на 139 милиони евра.
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, претходно ја најави оваа пренамена, истакнувајќи дека најголемиот дел од вкупно пренаменетите 200 милиони евра ќе завршат кај „Бехтел и Енка“.
Проектот, вреден 1,3 милијарди евра, се финансира директно од државниот буџет, за разлика од други големи инфраструктурни проекти кои се реализираат со меѓународни кредити. Според директорот на „Државни патишта“, Коце Трајановски, на градилиштата кај Тетово и Гостивар се ангажирани околу 1.200 работници и повеќе од 750 машини, при што 60 отсто од добавувачите и 90 отсто од подизведувачите се домашни компании.
Градежните работи започнаа на 22 април 2023 година, но делницата Требниште–Ќафасан сè уште не е започната поради потребата од ревизија на трасата, со цел зачувување на заштитениот статус на Охридското Езеро.
