
ДОДИК ЗА СПУТНИК: Потребна ни е Голема Србија со Република Српска, Косово и Црна Гора
Српското национално прашање не е решено, потребна ни е некоја нова Голема Србија, вели лидерот на босанските Срби. Кажа дека со распадот на поранешна Југославија сите други народи кои живееле во неа го решиле своето национално прашање, а таа можност, според него, им е ускратена само на Србите.
Ова го откри во интервју кое викендов го даде за руската новинска агенција Спутник, објаснувајќи дека во составот на таа Голема Србија ги гледа и Косово и Република Српска, како и Црна Гора. За изјавата стигна осуда од Министерството за надворешни работи на Црна Гора, но Додик денес на новинарите во Бања Лука им потврди дека останува на своите проекции и заговара формирање некаков вид голема српска држава.
„Српскиот народ има право на своја единствена држава на Балканот“, изјави Додик.
Вели дека формирањето на Голема Србија по Првата светска војна го спречило само западен заговор предводен од Британија, која тој, заедно со САД, и денес ја гледа како најголем непријател на Србите.
Додаде дека Соединетите Американски Држави денес ги предводат напорите Босна и Херцеговина да се направи унитарна и централизирана држава и изјави дека Република Српска на тоа никогаш нема да се согласи. Според Додик, БиХ поради постојаните внатрешни конфликти ќе се распадне, што отвора можност Република Српска да се придружи на идната голема српска држава.
Инаку, против Додик имаше санкции поради сепаратистичките идеи. Тој со години зборува дека Република Српска ќе се одвои од БиХ.
Министерството за финансии на САД воведе нови санкции за претседателот на Република Српска Милорад Додик. Велат дека санкции биле наметнати на „прорускиот националистички лидер на босанските Срби“, како и на други поединци и ентитети поврзани со него. САД воведоа санкции против Додик на 5 јануари 2022 година, како и на 17 јули 2017 година, поради попречување на Дејтонскиот мировен договор.
На списокот на министерството се и Горица и Игор Додик, синот и ќерката на претседателот на Република Српска. На списокот се и ресторанот „Агапе“ во сопственост на Горица и Ивана Додик, фирмата „Агровоќе“ која се поврзува со Горица, како и фирмата „Фрут Еко“ која се поврзува со Игор Додик, како и компанијата „Глобал Либерти“ кои се поврзани со Игор и Горица. Велика Британија исто воведе санкции за Додик.
