
ДОДИК: Нема сила која може да му наметне на Србинот да сака некоја таму измислена Босна
Нема сила која може да му наметне на Србинот да сака некоја таму измислена Босна, вели лидерот на босанските Срби, Милорад Додик.
Тој најави дека властите на Република Српска ќе ја продолжат досегашната политика и нема да попуштат пред заканите. По низата осуди за прославата на 9 јануари, Денот на Република Српска, Додик на социјалната мрежа Икс соопшти дека таквите реакции за него и неговите соработници се само доказ дека се на вистинскиот пат.
„Никакви закани кои ги слушаме со години, па и во овие денови на славење, никогаш тоа нема да го променат, само го зајакнаа нашето уверување дека она што го правиме е правилно. Ја нема таа сила која може да дојде и да му наметне на кој било Србин да сака некоја таму измислена Босна“, порача Додик.
Додик на 17 јануари го чека продолжување на судењето за обвинението за непочитување на одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница, а доколку биде осуден може да добие од шест месеци до пет години затвор.
Додик вчера кажа дека не сакаат тутори и колонизатори. Тој често се заканува со отцепување на Република Српска од Босна и Херцеговина(БиХ).
foto EPA

