
ДОБРИ ДОМАЌИНИ ЗА ДОБРОТО НА КОМПАНИЈАТА – „Реплек“ ќе дели добра дивиденда, ама не се „расфрла“, еве колку ќе земат главните акционери
И работењето да биде да биде домаќинско, и акционерите да бидат задоволни.
Раководството на „Реплек“ донесе одлука како ќе го распределува профитот
остварен лани, но и нераспределената добивка која на компанијата
и останала од минатите години.
Онаа клучна информација што акционерите и инвеститорите ја очекуваа, е колкава дивиденда ќе подели компанијата. А тоа е дека дивидендата ќе изнесува 400 денари по акција бруто, односно 360 денари по акција нето, одлука што
треба да ја потврдат акционерите на Собранието што ќе се одржи на 16 април оваа
година. Седницата на Собранието е веќе закажана, а на неа акционерите ќе треба
да се произнесат и за бројни други извештаи поврзани со работењето
на компанијата.
Реплек, според документите што преку Берзата транспарентно ги сподели со
инвеститорите, лани има остварено нето добивка на сума од 2,7 милиони евра, но
има и акумулирана добивка од минати година од 1,17 милиони евра, што значи дека
има вкупна нераспределена добивка од 3,88 милиони евра.
Од овие пари, компанијата најавува дека како дивиденда на своите акционери
ќе подели износ од 1,55 милиони евра, или 400 денари бруто, односно 360 денари
нето по акција.
Согласно сумата на вкупната дивиденда и процентот на акции кој сега го
поседуваат сопствениците според Централниот депозитар за хартии од вредност, излегува дека
најголемиот акционер и директор на компанијата Душан Пецоски кој има 12,21
отсто од акциите, би добил на име на дивиденда сума од 189 илјади евра, а компанијата
„Настел“ која е втор по големина акционер и располага со 6,65 проценти, би
добила 103 илјади евра. Потоа, 99,1 илјади евра би инкасирал пензискиот фонд
„Сава“, компанијата „Ситко“ би добила 98,6 илјади евра, Владимир Пецовски би наплатил
98,3 илјади евра, а лабораторијата Биотек ќе добие на својата сметка 97,5
илјади евра.
А, ова АД планира и да реинвестира дел од добивката, и тоа 440 илјади евра.
И, како што прават добри домаќини, како акумулирана добивка која ќе се чува
како гарант на стабилноста на компанијата за наредниот период, таа ќе издвои
најголема сума, односно 1,89 милиони евра.
Она што е за поздравување, е дека прво дивиденда ќе им се исплати на
помалите акционери, а потоа на оние со поголеми сопственички пакети. Имено, на
Собранието ќе се гласа и за одлуката на Управниот одбор за дивидендниот календар, според кој на акционерите ќе им
се исплати
дивидендата во
готово на нивните трансакциски
сметки. Последен датум за тргување со право на дивиденда е 7 мај, а прв датум за тргување без право на
дивиденда е наредниот, 8 мај. Исплатата
ќе стартува од 2 јуни оваа година, и тоа на 2 јуни ќе почне
исплатата на
дивиденда за имателите од 1 до 600 акции, од 9 јуни исплата за имателите од 601 до
5.000 акции, на 16 јуни исплата
за имателите од 5.001 до 17.000 акции и на 23 јуни
почнува исплата
на дивиденда за имателите над 17.001 акции.
Акционерите ќе гласаат и за Одлука за стекнување на сопствени акции
со откуп на најмногу 10 отсто од основната
главнина. Минималната
односно максималната цена којашто може да се плати за стекнување на сопствените
акции со откуп е до 10 отсто
пониско или повисоко од последната просечна дневна цена по акција. Со Одлука на
Управниот одбор, по
претходна согласност од Надзорниор одбор, акциите може да се откупат по цена
која што е надвор од овие рамки, доколку откупот е неопходен за да се спречи
сериозна штета што би ја претрпело Друштвото како последица од поголеми
поместувња на пазарот.
„Со
стекнувањето на сопствените акции не смее да се намали имотот на друштвото под
износот на основната главнина и резервите коишто, според законот или според
статутот мора да ги има и коишто не смеат да се користат за исплата на
акционерите“, се наведува во
предлог одлуката.
Ќе се гласа и за предлог одлука за продажба (отуѓување) на
сопствени акции по пат на јавна понуда. Станува збор за продажба на најмногу 21.110 обични
сопствени акции по пат на јавна понуда во вкупен номинален износ од 1.187.269 евра. Сопствените
акции се обични акции од основачката емисија на друштвото и се 8,14 отсто од основната главнина.
Продажбата на сопствените акции ќе се врши по пат на јавна понуда. Номиналната вредност по акција изнесува
56,242 евра, додека вкупната номинална вредност на акциите што се предмет на
продажба е 1.187.269
евра. За продажбата на сопствените акции по пат на јавна понуда
друштвото ќе објави Проспект и Покана за јавна понуда за продажба на сопствени обични акции. Продажната
цена ќе се определи согласно Правилата за тргување на Македонска берза. Плаќањето на продажната цена е исклучиво во
парични средства. Целта поради која се продаваат (отуѓуваат) акциите е
одржување на стабилноста и ликвидноста на друштвото и усогласување со
законските одредби. Правата и обврските на купувачите на акциите настануваат од
моментот на нивното запишување во Централниот депозитар за хартии од вредност.
Ќе се усвои и Годишниот извештај за работењето, како и годишната сметка на
компанијата.
А, акционерите треба и да ја усвојат и одлуката за одобрување
на работата на Управниот одбор,
односно на членовите Душан Пецовски, претседател на Управен одбор
и генерален директор на друштвото, Коста Котески, Марјан Велковски, како и Панче Гелевски.
Гласајќи
за секој член поединечно, акционерите
треба да донесат и одлука за одобрување на работата на Надзорен одбор, во состав Антонио Георгиевски, претседател, како и Петар Андреевски, Наум Јанакиев, Томислав Крстевски, како и Јана Алич Јужина, која е независен член.
Ќе треба да се усвојат и ревизорските извештаи направени за работењето на
компанијата, како и за назначување на овластен ревизор.
Во еден од документите што ќе ги разгледуваат акционерите, компанијата се
произнела и за корпоративниот дамнок, за кој ќе нема обврски. Како што е
познато, Законот за минимален глобален данок беше усвоен од
Собранието и објавен
во Службен весник на 3 јануари годинава, со кој е воведена минимална даночна стапка
од 15 отсто, применлива за групи мултинационални компании и големи домашни групи со консолидирани годишни
приходи што надминуваат 750 милиони евра, во две од последните четири финансиски години. За 2024 година,
краен рок за поднесување на оваа пријава е 30 јуни 2026 година.
„Начинот
на пресметување и наплата на квалификуваниот домашен дополнителен данок не е
објавен до датумот на одобрување на овие финансиски извештаи, а треба да биде
пропишан од Министерот за финансии до крајот на 2025 година. Соодветно, точните
методи за пресметување и пријавување на дополнителниот данок, а кои важат за
годината што завршува на 31 декември 2024 година, ќе бидат дополнително
утрвдени. Групацијата Реплек до 31 декември 2024 година не го исполнува условот
за надминување на консолидирани годишни приходи од 750 милиони евра, во две од последните четири финансиски години, поради што
Групацијата не изврши пресметка и евидентирање на дополнителниот данок во
консолидираните финансиски извештаи за 2024 година“, објаснуваат од компанијата.
Н.Н.Ф.