
ДОБАР ПРОФЕСОР МОРА ДА ГИ СЛЕДИ НОВИНИТЕ ВО НЕГОВАТА ОБЛАСТ, СВЕТОТ БРЗО СЕ МЕНУВА Дебата на Универзитетот „Гоце Делчев“ за законите за високото образование

Министерката за образование и наука Весна Јаневска вечерва на Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип ги слушна забелешките на академската заедница во однос на предлог-законот за високо образование и законот за квалитет во високото образование. Ова е петта јавна расправа организирана од Министерството за образование и наука, а во текот на оваа недела треба да се одржат уште две дебати.
Јаневска изјави дека по завршување на јавните расправи ќе следува период на разгледување и корекција на прифатливите забелешки, по што законското решение ќе биде поставено на националниот регистар на прописи (ЕНЕР) за дополнителни консултации со академската јавност, а потоа ќе влезе во владина процедура.
– Верувам дека ќе останат уште една-две забелешки, кои дополнително ќе треба работната група малку посериозно да ги разгледа, за да донесеме соодветно решение. Кога ќе се заврши тој процес законот ќе биде поставен на ЕНЕР, уште релативно кратко време, неколку дена, за да може академската заедница да ги види забелешките. Брзо да изреагира, потоа оди во владина процедура – вели Јаневска.
Министерката Јаневска забележа дека на Македонија ѝ е неопходно ново законско решение за високо образование.
– Потребно е поткревање на квалитетот на високото образование, во кое академската заедница – професорската, оти и студентите се дел од академската заедница, ќе покаже проактивност, особено во научните истражувања. Затоа што едукацијата и научното истражување во нашиот образовен систем и не само во нашиот се две нераздвоени целини. Не може да имаме добар професор на академско ниво, кој не ги следи новините во неговото поле или подрачје. Целиот свет подлежи на силни промени и ние мора да ги подготвиме нашите студенти, нашите идни академски граѓани, нашите луѓе коишто ќе се вклучат на пазарот на труд да ја зајакнат државата, односно да обезбедат просперитет на државата – вели Јаневска.
Таа посочи дека македонските студенти не само што треба да ја продолжат академската заедница, тие треба да се вклучат и во стопанството, односно во реалниот сектор, за да бидат додадена вредност на македонската економија.
Ректорот на УГД Штип, Дејан Мираковски вечерва изјави дека Универзитетот „Гоце Делчев“ прифаќа нов закон за високо образование кој ќе даде квалитетна рамка за развој на високото образование.
– Генерално синтетизирани се забелешките и денеска ќе бидат презентирани од наша страна. Една од забелешките беше околу нормализирање на условите, односно да нема разлика меѓу големите и малите универзитети, и големите и малите имаат услови пред законот. Тоа беше дискусија, потоа вклучување на „скопус“ базата, како релевантна на овој дел на Европа, бидејќи „скопус“ базата е квалитетна и е малку порегионално завртена. Вклучува поголем дел на конференции во своето цитатно дело. Тука се однесуваат главните забелешки, другите забелешки се повеќе формални – рече Мираковски.
На вечершната дебата присуствуваа голем број на професори на УГД-Штип, кои ги изнесоа своите забелешки за новите законски решенија за високото образование.
.
