
Дневно над 45.000 македонски граѓани употребуваат антибиотици
Во Македонија, антибиотиците често се препишуваат како прв избор, а не како последна линија на одбрана, покажуваат податоците на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО). Лани, издавањето на лекот „Сумамед“ пораснало за 23 отсто, иако според медицинската практика, овој антибиотик треба да се користи само кога другите терапии не делуваат.
Директорот на ФЗО, Сашо Клековски, најави дека е-рецептот треба да профункционира во 2026 година. Овој систем ќе овозможи контрола на индикациите и дозирањата на лековите, со цел да се намали несоодветното препишување и издавање на лекови, особено антибиотици и анксиолитици. Според него, дигиталната трага ќе ги заштити лекарите од притисокот на пациентите да добијат „одреден лек“ без медицинска потреба.
Клековски истакна дека ФЗО се соочува со загуби поради лажни рецепти, лажни боледувања и неконтролирана болничка употреба на лекови, и ги повика граѓаните да пријавуваат злоупотреби. Исто така, контролите во приватните ординации откриле случаи на двојна наплата, каде што пациенти плаќале и за услуги кои треба да бидат бесплатни за осигурениците.
Една од најголемите здравствени закани е појава на антимикробна резистенција, или „супербактерии“, кои се јавуваат како последица на прекумерна и несоодветна употреба на антибиотици. Светската здравствена организација (СЗО) предупредува дека бактеријалната резистентност била директно поврзана со над 1,2 милиони смртни случаи во 2019 година, а придонела за околу 4,9 милиони. Во Европа, годишно повеќе од 35.000 лица умираат од инфекции со резистентни микроорганизми.
Во Македонија, Европскиот центар за контрола и превенција на болести (ЕЦДЦ) во 2025 година посети земјата со цел унапредување на „One Health“ одговорите против резистентноста. Фокусот е на регулатива, лабораториска инфраструктура, интероперабилни електронски системи, човечки ресурси и кампањи за подигнување свест – столбови без кои е-рецептот може да остане само техничка мерка, а не целосна здравствена реформа.
Прашањето не е дали е-рецептот ќе се воведе, туку како ќе функционира во практика: дали ќе обезбеди клиничка контрола, дали квотите ќе се применуваат рамноправно и дали пациентите конечно ќе сфатат дека антибиотикот не е „брзо решение“, туку последна линија кога медицината тоа бара.
