
ДИПЛОМАТСКИ СКАНДАЛ ВО ПОДГОРИЦА: Mилојко Спајиќ доцнел четири минути поради што Румен Радев си замина
Дипломатски скандал се случи во Црна Гора, каде претседателот на Бугарија Румен Радев си заминал затоа што премиерот Милојко Спајиќ доцнел четири минути.
Средбата меѓу Спајиќ и Радев што требаше да се одржи денеска во Подгорица е откажана поради доцнење на премиерот на државата домаќин. Делегацијата предводена од Радев ја напуштила зградата по четири минути чекање, потврдија за црногорски Вијести од Владата.
„Со бугарската амбасада беше договорено средбата да се одржи во приемната сала во зградата на Владата во 17 часот, бидејќи премиерот Милојко Спајиќ имаше голема желба да се сретне со претседателот Радев и покрај неговиот напорен распоред. Претходната средба на претседателот на Владата со најголемата туристичка компанија, со германската ТУИ, траела три минути подолго од планираното, а делегацијата на претседателот на Бугарија, Румен Радев, по четири минути чекање ја напуштила зградата на Владата“, изјавија за Вијести од Владата.
Од црногорската влада појаснија дека средбата требало да се одржи во истата приемна сала каде што се одржала средбата со претставниците на ТУИ и дека причината за нејзиното доцнење е тоа што просторот требало да се подготви за нова средба.
Црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ организираше свечена вечера за Радев. Вели дека ова е во знак на почитувањето и добрите односи меѓу двете земји.
