Димовски за 4ТВ: Во ТИРЗ наследив штетни договори од милиони евра и објекти без одобрение за градење
Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Гоце Димовски, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ упати сериозни обвинувања за работењето на неговите претходници.
Тој откри дека по преземањето на функцијата се соочил со загрижувачка состојба, која сега е потврдена и со официјален извештај од Државниот завод за ревизија.
Димовски истакна дека во зоните се градело несоодветно и се потпишувале договори кои биле директно на штета на државата.
„Постапуваме кон раскинување на овие договори за да спасиме што може да се спаси“, нагласи Димовски.
Директорот откри и фрапантен податок дека се граделе објекти за кои воопшто не постоел одобрен градежен акт.
Како што вели, иако основната дејност на зоните е производство, склучувани се договори за фотоволтаици на локации за кои немало дозволи и согласности, поради што сега тие договори мора да се раскинат.
Димовски посочи и на енормно високи суми за комунални услуги, наведувајќи пример за нереално скапо празнење на корпи за отпадоци.
Како еден од најголемите парадокси, Димовски го посочи начинот на кој се вршел пописот на имотот во изминатите 20 години.
„Сфатив дека пописот со години се правел со ‘копи-паст’ метода. Во 2025 година, за првпат по две децении, направивме реален попис. Набавивме баркод читачи и налепници, нешто што претходно воопшто не постоело“, изјави Димовски.
Во однос на финансиската состојба, директорот информираше дека наследил обврски од 4,3 милијарди денари за инвестиции во зоните. За само една година, оваа бројка е намалена на 4 милијарди денари. Формирана е и специјална комисија која треба точно да ги утврди сите побарувања и да воведе ред во сметководственото работење на Дирекцијата.