Димовски за 4ТВ: Во ТИРЗ дозволени биле работи што не смееле да се прават, сè се ставало под тепих, откако дојдов го „кренав“ тој тепих!
Во најновото гостување во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски, откри дека институцијата поминала низ драстичен процес на реформи, издигнувајќи се од дното на листите за транспарентност до самиот врв.
Димовски детално го образложи патот од наследените хаотични состојби до воспоставувањето на систем кој денес е пример за борба против корупцијата.
На прашањето дали е лесно само да се обвинуваат претходниците за „украдени пари“, Димовски појасни дека неговите тврдења не се само политичка реторика, туку се поткрепени со официјални наоди на Државниот завод за ревизија (ДЗР).
„Ревизијата констатираше сериозни наоди за периодот до 2024 година. Согласно законот, извештајот е доставен до Владата, а ДЗР веќе го има препратено до Јавното обвинителство. Со новите кадри во правосудството, очекуваме конечно да видиме правна разрешница за штетите нанесени врз буџетот и парите на граѓаните“, изјави Димовски.
Тој додаде дека Дирекцијата веќе постапува по препораките на ревизорите, вклучително и раскинување на штетни договори за јавни набавки каде што е тоа законски возможно.
На прашање за тоа што го изненадило најмногу кога ја наследил функцијата тој кажа „Дозволени биле работи што не смееле да се прават, сите се ставале под тепих, откако дојдов го „кренав“ тој тепих“
Како клучен доказ за промената во начинот на водење на институцијата, Димовски го посочи рангирањето на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) во делот на системскиот интегритет и отпорноста на корупција:
„Овој скок покажува дека суштински го сменивме механизмот на работа. Мојата цел е институцијата да биде консолидирана и здрава, за да може да расте со добра динамика, а не да биде товар на оној што ќе дојде по нас“, нагласи тој.
Директорот призна дека процесот на консолидација не е лесен, особено кога станува збор за наследени договори каде веќе се исплатени аванси.
Сепак, тој подвлече дека во текот на 2025 година се утврдени јасни процедури и дека ТИРЗ повеќе не работи по принципот на „копи-паст“ решенија, туку според реални потреби и законски норми.