
Девет години од катастрофалните поплави во Гази Баба во кои загинаа 22 лица
Денеска се навршуваат девет години од катастрофалните поплави во Стајковци и околните села и Сингелиќ во кои загинаа 22 лица.
Во незапамтеното невреме и катастрофалната поплава беа евакуирани илјадници граѓани, а животот го загубија 22 лица. Најмладата жртва помеѓу загинатите е двегодишно дете од село Стајковци.
Загинатите во невремето беа во реоните на селата Сингелиќ, Стајковци, Смилковци и Арачиново. Голем дел загинаа на скопската обиколница, а некои од нив останаа заробени во домовите од најдојдената вода и се удавија неможејќи да излезат.
Во текот на 24 часа на 6 август 2016 во Скопје наврнале 92,9 литри на метар квадратен, а во текот на првите два часа од почетокот на невремето имало повеќе од 800 громови.
Граѓаните од целата држава координирани од Црвениот крст, Кризниот штаб и надлежните институции во наредните денови се солидаризираа за собирање на најнеопходната помош за настраданите.
8 август 2016 беше прогласен за Ден на жалост.