Денеска ќе биде донесена одлуката за делење на 250-те милиони евра за домашните бизниси
Премиерот Христијан Мицкоски објави дека на денешната редовна седница на Владата ќе биде донесена одлуката за префрлање на 250-те милиони евра од унгарскиот заем за македонскиот бизнис под поволни услови.
„Денес очекувам Владата да донесе одлука на домашните компании да се стават на располагање 250 милиони евра евтини кредити, по супер евтина каматна стапка од 1.95 што претставува историски највисока поддршка за домашните компании. Ова значи посилна економија, нови инвестиции, нови работни места!“, напиша премиерот на социјалните мрежи.
Претходно тој потврди дека со новите услови, компаниите-баратели на средства од унгарскиот кредит од 250 милиони евра нема да мора само да инвестираат во производни капацитети, бидејќи на тој начин не би се потрошиле сите пари. Премиерот потврди дека со кредитната линија за која ќе се аплицира преку деловните банки ќе може операторите да градат трговски центри и фотоцентрали за продажба на електрична енергија.
Делот од унгарскиот кредит од 250 милиони евра ќе се враќа со камата од 3,25 отсто, која ќе ја плаќаат граѓаните, додека компаниите кои ќе аплицираат за заемите ќе плаќаат само банкарска провизија од 1,95 проценти кај деловните банки кои што тоа ќе го администрираат.