
Денеска без изјаснување за вина на обвинетите, следно рочиште за „Пулс“ на втори декември
Во кривичниот суд во Идризово денеска се одржа второто рочиште за случајот „Пулс“.
Пред почетокот на главната расправа, дел од одбраната на обвинетите изнесе забелешки за процедурата и за доказниот материјал, истакнувајќи дека некои обвинети не го добиле новото интегрирано обвинение. Одбраната побара одложување на воведните зборови и изјаснувањето за вината на обвинетите.
По овие барања, судечкиот совет се повлече и по пауза од половина час донесе одлука дека денес нема да се одржат воведните обраќања и изјаснувањето за вина на обвинетите.
Во продолжението на рочиштето, беа прочитани сите оштетени и нивните застапници. Сите оштетени се изјаснија дека се приклучуваат на кривичниот прогон.
Следното рочиште ќе се одржи на втори декември.
