
Деканот на Градежниот факултет кандидат за градоначалник на Скопје од „Независни заедно“
Деканот на Градежниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Горан Марковски, ќе се кандидира за градоначалник на Град Скопје на претстојните локални избори како претставник на граѓанската платформа „Независни заедно“.
Кандидатурата на Марковски е поддржана од неколку граѓански иницијативи, меѓу кои „Шанса за Центар“, „Зелените за Гази Баба“ и „Групација 389“.
„Професор д-р Горан Марковски е истакнат интелектуалец и борец за безбедно и убаво Скопје. Веруваме дека градот заслужува да биде воден од стручни лица со јасна визија и храбро лидерство“, порачаа од „Независни заедно“.
Марковски својата кандидатура ќе ја објави утре (среда) на прес-конференција пред Камениот мост.
Досега свои кандидати за градоначалник на Скопје имаат објавено ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Левица. Кандидат на ВМРО-ДПМНЕ е актуелниот градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, СДСМ ја кандидира поранешната министерка за животна средина Каја Шукова, а Левица настапува со пратеникот Амар Мециновиќ.