
Децата со три дози „ДиТеПер“ ќе може да посетуваат градинка, но ќе треба да ја примат и четвртата!
Претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Александар Петличковски денеска во изјава за медиумите истакна дека децата кои имаат примено три дози од вакцината ДиТеПер за голема кашлица можат да посетуваат градинка, но четвртата доза од вакцината ќе мора да ја примат најрано после шест месеци.
Тој вели дека не може да каже кога Министерството ќе достави известување до градинките, но може да се очекува тоа да биде денеска или во следните денови.
„Деца кои примиле три вакцини во последните шест месеци и сега им следи ревакцина, која во стандардниот календар беше препорачано да се прима на една година, сега го кратиме тој период на шест месеци. Овие деца кои ја завршиле примовакциналната серија во овие шест месеци треба да им биде дозволено да влезат со напомена дека оваа вакцина треба да ја примат после шест месеци најрано од примањето на третата доза“, рече д-р Петличковски.
