
Давкова: Нема закана за безбедноста, институциите координирано ја следат состојбата
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Совет за безбедност на прес конференција изјави дека државата не е изложена на нестабилност.
Според неа, нема закана за безбедноста ниту во земјава, ниту во регионот, и покрај најновите случувања на Блискиот Исток.
„Постои систем за рано предупредување, институциите ја следат состојбата и меѓусебно се координираат. Врз основа на тие информации ја темелиме оценката дека безбедносната состојба е стабилна. Координирани сме со партнерските служби и подготвени сме навремено да реагираме доколку има потреба“, изјави Сиљановска-Давкова.
Таа нагласи дека институциите ќе продолжат со внимателно следење на развојот на настаните, како и со размена на информации со надлежните органи во регионот.
