
Даниел Ткие за 4tv.mk: Стратегијата на Путин со „зимата како оружје“ пропадна, Украина не прифати невозможни компромиси
Новинарот на Канал 24 од Лавов, Даниел Ткиее во интервју за 4TV.mk оцени дека изминатата зима била најтешката за Украина од почетокот на целосната руска инвазија во 2022 година, нагласувајќи дека Москва се обидела да ја искористи сезоната како средство за притисок врз украинската отпорност.
„Пролетта конечно доаѓа, но ова веројатно беше најтешката зима за нас од почетокот на целосната руска инвазија во 2022 година. Рускиот диктатор Владимир Путин ја искористи оваа зима како оружје за да се обиде да ја уништи нашата отпорност и да ја натера Украина на лоши и неодржливи компромиси“, истакна Ткие.
Тој објасни дека руските сили во континуитет изведувале напади врз клучната инфраструктура, користејќи различни типови оружје.
„Руските воздушни сили испукуваат најразлични видови ракети – балистички ракети, но и дронови директно врз енергетската инфраструктура. Имавме навистина големи проблеми со електричната енергија и со снабдувањето со вода“, рече тој.
Според него, и покрај сериозните последици врз енергетскиот систем и секојдневниот живот на граѓаните, најголемиот дел од проблемите со електричната енергија во моментов се надминати.
„Конечно, најголемиот дел од проблемите со енергијата се надминати денеска. Но никој не знае што ќе се случи утре“, додаде Ткие.
Тој заклучи дека стратегијата на Москва да ја искористи зимата како средство за притисок не ги дала очекуваните резултати.
„Како и да е, пролетта доаѓа и стратегијата на Путин да ја користи зимата како оружје пропадна. Тој не успеа да нè присили на неподносливи и невозможни компромиси, ниту на отстапки за време на преговорите“, нагласи Ткие во интервјуто за 4tv.mk.
