ДАЛИ Е ТАЈНАТА ВО ПРОДАЖБАТА НА БРИКОЛАЖ НА ЛИДЛ, ИЛИ? – како чистиот профит на „Скопски пазар“ достигна 5,7 милиони евра за девет месеци
Дека работеле добро нема никаков
сомнеж, ама факт е дека самото добро работење не им ја донесе фантастичната
добивка од 5,7 милиони евра за девет месеци, или зголемена за дури 347 отсто во
однос на истиот период од минатата година. „Скопски пазар“ ги објави
финансиските извештаи за периодот од јануари заклучно со септември годинава,
заедно со образложението, но од нив на неупатените во бизнисот не може да им
стане сосема јасно за што точно станува збор. Сепак да се обидеме да
анализираме како дојде до толку висока добивка за девет месеци, кога во истиот
тој период приходите од продажбата се намалени, иако не многу, или конкретно,
за девет проценти.
Да одиме со ред.
Во својот Биланс на успех „Скопски пазар“ прикажува вкупни оперативни
приходи од 8,9 милиони евра, што е раст за дури 110 отсто во однос на истиот
период од претходната година.
Но, од овие пари само една третина се приходите од продажба, и тоа сите се
од продажба на домашниот пазар. Или, тие донеле прилив од 3,2 милиони евра, што
е намалување за девет проценти во однос на ланската иста временска отсечка.
Значи, редовното работење не е лошо воопшто, ама е малку послабо од ланското.
Но затоа, на приходната страна од
билансот ја имаме ставката останати оперативни приходи, која тежи цели 5,8
милиони евра, и тие се зголемени за дури 624 проценти. И тоа се оние пари кои
се главната причина за фантастичниот профит, зголемен за речиси пет пати во
однос на ланскиот исти период.
Ако ја видиме расходната страна, пак, тука нема ништо невообичаено.
Односно, оперативните расходи се 3,04 милиони евра, и кај нив има зголемување
во однос на лани за 11 отсто. Доколу ги разглобиме овие оперативни расходи ќе
видиме дека трошоците за суровини и материјали се 443 илјади евра, или намалени
за 22 отсто, додека, пак, услугите со карактер на материјални трошоци се на
износ од 460 илјади евра, што е раст за 15 отсто. Останатите трошоци од
работењето се 510 илјади евра, што е зголемување за 49 проценти. Компанијата
била фер кон своите вработени и им исплатила 1,2 милиони евра за плати, што е
зголемување на овој трошок за 11 проценти. Амортизацијата изнесувала 283 илјади
евра, а останатите расходи од работењето се 92 илјади евра, што не е голема
сума, но има зголемување од 239 проценти.
Па така, на крај се книжи оперативна
добивка од 5,9 милиони евра, што е раст за 288 отсто. За малку да се намали
крајниот профит придонеле финансиските расходи од 182 илјади евра, кои се сепак
редуцирани за 27 отсто во однос на ланскиот период.
Или, добивката на компанијата е 5,72
милиони евра, и е порасната за 347 отсто во однос на истиот деветмесечен период
од лани.
Но, да се навратиме на останатите оперативни приходи и како тие достигнаа
речиси шест милиони евра.
Компанијата дава извесно објаснување, за сметководствена
политика и методи на вреднување, но не
е јасно дали и каква врска има со енормно зголемените останати оперативни
приходи.
„Последователното
мерење на градежните објекти (магацински и деловен простор) кои се издаваат под
оперативен наем, кои се иницијално признаени по моделот на објективна вредност,
се врши со повторна проценка на нивната објективна вредност на секој датум на
билансирање. Добивката или загубата која произлегува од промената на
објективната вредност, се
признава во добивката или загубата во периодот во кој настанала согласно МСС 40“’, пишуваат од Скопски пазар.
А вреди
да се спомене и дека во јуни оваа година, самата компанија објави дека му го продаде објектот на
Бриколаж на германскиот синџир маркети Лидл, за сума од над 9 и пол милиони
евра.Тоа компанијата го објави како голема зделка со заинтересирана
страна.Всушност, беше објавено дека станува
збор за продажба на недвижен имот во општина Гази Баба, а токму таму се наоѓа
објектот на Бриколаж. Како што објавија од
компанијата, вредноста на оваа зделка е во апсолутен износ од 9.564.485 евра без вклучен ДДВ. Дали овие пари придонесоа за
зголемената добивка, веројатно ќе се добие подобро објаснување во следниов
период.
„Скопски пазар“ управува со 12 пазари на отворено во регионот на Скопје кои располагаат со 2.700 тезги. Воедно компанијата има и деловен простор од 54.000 квадратни метри кој го издава на свои деловни партнери.
Н.Н.Ф.