
Дафкова за Џафери: Нема смисол ниту осет за демократија, покрешен човек на многу важно место
Моменталното случување во Собрание е интерегнум. Вака професорката, пратеничка и поранешен кандидат за претседател на Македонија Гордана Силјановска Дафкова ја опишува работата на законодавниот дом и седницата со Уставни измени.
Дафкова вели дека за продолжение на седницата не знае кога ќе биде, а кога и дали ќе му текне на претседателот на Собранието исто така и тоа е дискутабилно. Професорката се чуди како седницата нема точен датум и час за продолжение, вели дека чудно е дури и што претседателот не остави говорници за продолжението.
„Сакаше да покаже дека не сум јас прв меѓу еднаквите туку јас сум господарот на Собранието. Јас одлучувам како сакам и така и се однесува. Нема смисол ниту осет за демократија. Погрешен човек е на многу важно место. Треба да верувате во демократијата“, вели Дафкова во интервју за 360 степени.
На дополнително прашање дали мисли дека со нејзините критики „се храни“ претседателот на Собранието таа одговара:
„Не знам, не сум психолог, но мојата критика е заснована на парламентарното право и не може да биде гласна за жал бидејќи само координаторите може процедурално да интервенираат, а човек кога е доведен до ѕид може само од место да прокоментира“, одговара Дафкова.
