
Дачиќ ќе оди во Москва – за што ќе разговараат со Лавров?
Српскиот шеф на дипломатијата, Ивица Дачиќ најави дека до крајот на годината ќе ја посети Русија и ќе се сретне со својот руски колега, Сергеј Лавров.
Тој денеска потврди дека до крајот на годинава ќе ја посети Москва, јави дописникот на МИА од Белград.
„Нема да разговараме за ништо друго освен за нашите билатерални односи и за она што се однесува на мешовитиот Комитет и секако ќе се сретнам со мојот колега Сергеј Лавров. Кога може (унгарскиот министер за надворешни работи Петер) Сијарто да оди во Москва, зошто ние да не можеме“, изјави Дачиќ во гостувањето на телевизија Хепи.
Дачиќ додаде дека на 4 септември заминува во Џакарта, каде што ќе го потпише приемот на Србија во Асоцијацијата на државите од Југоисточна Азија (АСЕАН).
Лидерот на босанските Срби, Милорад Додик во мај годинава ја посети Русија.
