
Цвијановиќ за санкциите од САД: Американците ги „печатат“ како на лента, тоа е трик
Членот на Претседателството на БиХ Жељка Цвијановиќ ги коментираше американските санкции, откако Министерството за финансии на САД го стави на „црната листа“ целиот политички врв на босанските Срби.
Според неа, „понекогаш овие санкции, кои Американците ги печатат на лента, повеќе личат на трик за смирување на Бошњаците, отколку всушност за казнување на оние за кои се наменети“.
– А особено што тие не придонесуваат за решавање на ниту еден проблем, туку се само показател дека нема вистинска стратегија, ниту волја за доведување на земјата во уставен поредок и политичка стабилност, потенцира Цвијановиќ.
„Тоа нема никаква врска со Дејтонскиот договор, ниту пак значи нешто во однос на тоа кој го почитува, а кој не“, рече Цвијановиќ.
Цвијановиќ рече дека е особено интересен делот од објаснувањето дека санкциите се насочени исклучиво кон поединци, а не кон институции или позиции во владата што ги имаат.
СAД воведоа санкции за Жељка Цвијановиќ, српската членка на Претседателството на БиХ, премиерот на Република Српска Радован Вишковиќ, министерот за правда на РС, Милош Букејловиќ и претседателот на Народното собрание на Република Српска, Ненад Стевандиќ.
Министерството за финансии на САД објави дека овие политичари се директно одговорни за поттикнување на донесување закон во Народното собрание на Република Српска (РС), со кој одлуките на Уставниот суд на Босна и Херцеговина се прогласуваат за неприменливи во РС, со што се попречува и загрозува спроведувањето на Дејтонскиот мировен договор.
