
„Црно-белите“ владеат во Белград: Партизан вторпат за четири дена подобар од Звезда
Откако во четвртокот „црно-белите“ славеа минимално во дуелот од Евролигата, денеска полесно од очекувањата го совладаа својот градски ривал со 98-87. Натпреварот беше сосема различен од претходниот бидејќи сега, почнувајќи од средината на втората четвртина, Партизан беше во убедливо водство, а највисоката предност изнесуваше 19 разлика.
Звезда многу подобро го почна натпреварот, во првата четвртина водеше со 21-11, а по десет минути игра имаше 25-17. Во вториот квартал дојде до голем пад во играта на „црвено-белите“ кои во таа четвртина постигнаа само 11 поени, па Партизан со неколку серии се одлепи на 47-36 на голем одмор. Во ист стил продолжи и во третиот период кога дојде до највисокото водство на мечот (66-47 и 68-49).
Звезда потоа се разбуди, успеа во два наврата да намали на шест поени негатива, но во клучните моменти повторно на сцена стапи Алекса Аврамовиќ кој пак има огромна заслуга за триумфот на Партизан. При седум разлика за Партизан и напад на Звезда, тој му украде топка на Нејпир и потоа поентираше, потоа уште еднаш беше одличен во одбраната и реализираше и Партизан пак се најде на двоцифрена предност која успеа да ја задржи до крајот.
Камински беше најефикасен играч кај Партизан со 22 поена, Аврамовиќ додааде 15, а Ледеј 13. Прв стрелец на Звезда беше Шабаз Нејпир со 23 поени. По вечерашниот пораз на Звезда, единствениот непобедлив тим во АБА лигата останува Будуќност кој е на лидерската позиција со биланс 5/0.
