
Црната традиција против Бугарите продолжи – Левски на бразилски погон го реши Шкупи (ФОТО)
На катастрофалниот и очаен терен на Националната Арена „Тодор Проески“ во Скопје, Левски победи од две вистински шанси, една во клучен период за да поведат и втората длабоко во судиското надополнување за да ја зацементираат победата.
Во првата шанса бразилскиот тандем Рикардињо – Велтон ја реализираше после пола час игра и едно големо промашување на Шкупи. Рикардињо избегна дуел и офсајд, на прва асистираше, а Велтон само рутински ја смести топката во мрежата по пола час игра и тој момент на крај излезе клучен за победата на софиските „сини“.
Вториот клучен период беше во 94-та минута после корнер, кога се броеа секундите до крајот, па „резервистот“ Роналдо рутински ја смести топката во мрежата за да му обезбеди на Левски многу помирен реванш за седум дена.
Шкупи можеше многу повеќе од минимален пораз, барем да го остави двомечот понеизвесен, зашто во првиот дел имаше три шанси од кои два зицери, а не успеа да реализира ниту еден. Дуду промаши празен гол уште во раната фаза после кардинална грешка на голманот на гостите Андреев, а Димитров во 45+1-та минута на гол-линијата спаси чист гол откако Реналдо Цефас го лобуваше голманот од 16 метри, а Андреев еднаш се истакна со парада после корнер и удар со глава кога Пинтер биеше директно во голот.
Се обиде Шкупи и во вториот дел да направи притисок, доаѓаше во позиции посериозно да се закани, но недостигаше завршница, а Левски успешно успеваше да се одбрани на секој малку поопасен напад, обидувајќи се со противнапади да го заклучи мечот, но и на гостите им недостигаше завршно додавање за да дојде до вистинска шанса и евентуален гол, сѐ до самата завршница која успеаа да дојдат до втор погодок.
Со овој пораз и многу извесна елиминација на Шкупи, македонскиот првак Струга ТЛ останува единствена надеж за македонскиот фудбал да дочека и трето коло, откако вчера стружани го победија Будуќност со 1-0, па на реваншот ќе се обидат да се изборат за пласман во следната рунда.









