
Чифлиганец ќе добие многу повеќе од ЕСМ за закуп на топланите
Бизнисменот Ванчо Чифлиганец и „Адора“ ќе добијат повеќе од двојно за годинешното изнајмување на топланите Исток и Запад за потребите на ЕСМ Производство на топлина за обезбедување на парно греење на скопјани.
Според одлуката за „определување на регулиран максимален приход“, кој го побарал ЕСМ, а го одобрила Регулаторната комисија за енергетика, на „Адора“ како на сопственик на топланите за една година наем ќе му се исплатат 900.000 евра.
Овој договор стапува на сила од 1 ноември лани и ќе трае една година. Таму предвидено е за „принос на регулирани средства“ (капитал) на сопственикот на топланите да му се исплатат 54.058.813 денари. Овие 900.000 евра се „чисти пари“, бидејќи на „Адора“ на Чифлиганец за една година за амортизација му следуваат уште 32.432.644 денари, односно повеќе од 500.000 евра.
„Надоместокот по основ на приносот и неинвестираната амортизација на средствата под закуп му следуваат на сопствениот на основите средства. Приносот на регулираните основни средства и неинвестираната амортизација на сопственикот му следуваат од денот на стекнувањето на право на сопственост, односно од денот на уписот во Агенцијата за катастар на недвижности на Република Северна Македонија“, се вели во одлуката за прифатените трошоци од страна на Регулаторната комисија за енергетика.
Во одлуката пишува и дека ќе се побара дополнителна проценка на вредноста на основните средства коишто се земени под закуп за што ќе се ангажира Бирото за процена.
Во претходната одлука за регулираниот период 2022 -2024, беше предвидено на „Адора“ во 2022, 2023 и 2024 за секоја година посебно за закуп да и се плаќаат само по околу 24 милиони денари, односно сума од 400.000 евра за топланите. Оваа сума, според претходниот тарифник, беше јавно објавена на крајот од 2022.
„Адора“ тогаш реагираше дека нецелосни 400.000 евра годишно за закуп се малку и дека само 900.000 евра чини годишниот ануитет за отплата на кредитот подигнат за купување на топланите. Чифлиганец ги купи топланите од Топлификација за 9,3 милиони евра.
А.К.
