
Четворица повредени од пожарот во „Макпрогрес“ се на болничко лекување во Кочани – осум повредени се префрлени во Скопје
На болничко лекување во Општата болница во Кочани во моментов се наоѓаат четири лица повредени во синоќешниот пожар во фабриката „Макпрогрес“ во Виница, информира в.д. директорката Катерина Паниќ Мирчовска.
„Четворицата имаат полесни изгореници на долните екстремитети. Сите се пожарникари и нивната состојба е стабилна“, изјави таа.
Според Паниќ Мирчовска, врз повредените кои беа донесени во болницата извршени се дополнителни 20 интервенции, по што сите се пуштени дома.
„Најзагрозените веднаш беа препратени на Клиниката за токсикологија во Клиничкиот центар во Скопје. Се работи за осум лица“, додаде таа.
Паниќ Мирчовска нагласи дека ниту еден од повредените примени во болницата во Кочани не се наоѓа во животно-загрозувачка состојба.
Претходно утрово беше соопштено дека вкупно 18 лица биле примени во кочанската болница со повреди од пожарот, од кои дел се задржани во Кочани, а дел се препратени на клиниките во Скопје. Сите пациенти се во стабилна состојба.
Пожарот во фабриката за кондиторски производи „Макпрогрес“ во Виница избувна вчера во 18:40 часот во магацините и во производствените погони 6, 7 и 8. Во неговото гаснење покрај ТППЕ Виница беа вклучени и противпожарни единици од неколку соседни општини.