
Бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов им се врати на дипломатските должности во Северна Македонија
Бугарскиот амбасадор во земјава Ангел Ангелов им се враќа на своите дипломатски должности во Северна Македонија во полн капацитет. Вакво известување денеска пристигнало во македонското Министерство за надворешни работи, дознава „360 степени“.
Амбасадорот Ангелов денеска во Скопје пристигна со бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев, кој се сретна со македонскиот колега Оливер Спасовски, и практично останува во земјава.
Бугарското МНР минатата недела го повика Ангелов на консултации во Софија поради, како што информираа оттаму, сериозната состојба во однос на правата на Бугарите во Северна Македонија и ескалацијата на актите и злосторствата од омраза против нив во последните месеци, а по последнниот инцидент во кој беше нападнат секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, Христијан Пендиков.