
Бугарија се збогува со патријархот Неофит, на опелото присуствува и делегација од МПЦ
Денеска Бугарија ја испраќа Неговата Светост Патријархот Неофит на неговото последно патување.
Свештеникот, кој го нарекуваат црковен интелектуалец и човек кој стана синоним за добрина, понизност и посветеност, почина на 13 март.
Петок и сабота се прогласени за денови на национална жалост поради смртта на поглаварот на Бугарската православна црква.
За опелото на патријархот Неофит, во Софија пристигна и делегацијата на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
Во делегацијата се митрополитите Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски Петар, Дебарско-кичевски и администратор Австралиско-сиднејски Тимотеј и Брегалнички Иларион.
Тие беа пречекани пред зградата на Светиот Синод на БПЦ од митрополитот Старозагорски Кипријан.
Инаку, писмо со сочувство до Светиот архијерејски синод на Бугарската православна црква, вчера упати поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.

