
„БУГАРИЈА МОЖЕБИ НЕМА ДА ВЛЕЗЕ ВО ЕВРОЗОНАТА“: Не оди се по планот
Бугарскиот премиер Николај Денков изјави дека е можно неговата земја да не влезе во еврозоната на 1 јануари 2025 година, како што е планирано.
Денков за бугарското радио Дарик изјави дека целниот датум за воведување на еврото во Бугарија „не е сигурен“.
„Она што е свето не е датум, туку да се има јасна насока и да се работи на тоа. Ова е добро за бизнисот, добро за граѓаните, добро за контролата на финансиските институции“, рече Денков.
Бугарскиот премиер истакнал дека владејачката коалиција прави се што може за да го забрза процесот на пристапување на Бугарија во еврозоната, пренесува Политико.
Минатата година Бугарија се откажа од воведувањето на еврото во јануари годинава бидејќи стапката на инфлација во таа земја не ги исполнува стандардите и допрва треба да се спроведат одредени законски измени.
Потпретседателот на Европската комисија Валдис Домбровскис минатиот февруари изјави дека Бугарија ќе влезе во еврозоната кога ќе ги исполни сите критериуми и дека 1 јануари 2025 година е еден од можните датуми за тоа.
